Дали жената од Македонија во 21 век се соочува со нови или стари предизвици, ги користи или страда од стереотипи и предрасуди, како да се избори со предизвиците на новото време кои во Македонија толку многу наликуваат на тие од минатото?
Кога се спојуваат зборовите „минато“ и „жени“ тоа често асоцира на специфичниот општествен однос кон жената кога религиските норми и физичката слабост наметнуваат дискриминаторски однос кон жените од секоја возраст. Не само што не смееле да го стават под прашање авторитетот на било кој маж од семејството или околината, ами и не смееле да го предизвикаат.
А сепак од минатото, до денес, од кралицата Клеопатра преку св. Лидија Македонска, Света Злата Мегленска, Сирма и ајдутските војвотки, баба Недела Петкова и нејзината ќерка кои го извезле знамето илинденско, до Естреја Хаим Овадија и Елипда Караманди, Марија Бунева и Мирка Гинова и, до секоја жена од денешницата, жените се спротивставуваат на потчинетоста и маргинализирањето, ја земаат судбината во свои раце и ја обликуваат иднината на своите држави.
Ова е дел од најавата за трибината која во петок на 30 спетември 2022 година, на денот кога Православната црква го слави споменот на Света Софија и нејзините три керки Вера, Љубов и Надеж кои маченички пострадале за верата, ќе се одржи во зградата на Офицерскиот дом (КИЦ) со почеток во 19.00 часот.
На настанот со наслов „Жените во минатото, сегашноста и борбата на жената за Македонија“ ќе зборува професорката Виолета Ачкоска, македонски историчар и универзитетски професор.
Како истражувач и универзитетски професор, Ачкоска е автор и коавтор на над 40 монографски и други трудови, автор на околу 100-тина научни статии и поголем број публицистички и други пишувани трудови (прикази, фељтони, колумни, интервјуа, промотивни слова итн.), автор и коавтор на учебници за историја во основното и средното образование, автор и коавтор на околу 30 сценарија за документарни историски филмови и на неколку музејски концепти.
Објавените трудови и истражувања на проф. д-р Виолета Ачкоска се однесуваат на неколку научни области од современата историја: социјалната историја, политичката историја (меѓуетничките односи и репресијата во комунизмот), историјата на образованието и културната историја.
Ачкоска денес се смета за една од бранителите на вистината за македонскиот народ и Република Македонија.
На трибината, која е во организација на битолскиот огранок на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, се очекува да присуствува и претседателката на УЖ, Жаклина Пешевска, актуелен пратеник во македонското Собрание.