Можеби некои ќе речат, сега ли најде да говориш за љубовта? Сега ли, кога плодот на непријателството созреа во градината на Возљубениот; кога и земјата трепери од ужас, срцето на камењата се крши и небесното око се помрачува од негодување? Сега ли (да се говори) за љубовта кон светот, кога и Синот Божји, Кој страда во светот, е оставен без утеха, а Неговиот молитвен повик: Боже мој, Боже мој, зошто Ме остави (Мт 27,46) – е без одговор од Отецот?
Навистина, христијани! Овој ден е ден на непријателство и ужас, ден на гнев и одмазда. Но ако е така, тогаш што ќе се случи со нас, кога и земјата не е тврда под нас и небото не е спокојно над нас? Каде да се побегне од земјата што се колеба? Каде да се склони од небото што се заканува? Погледнете поусрдно на Голгота и таму, каде што се гледа фокусот на сите беди, вие ќе најдете прибежиште. Додека се тресе и ниша земјата; треперат и од темел се поместуваат горите, зашто Господ се разгневи (Пс 17,7), зар не гледате како непоколебливо таму стои невкоренетото дрво на Крстот?
Додека и мртвите не почиваат во своите гробови, зар не гледате како мирно почива Распнатиот на Својот Крст, колку и да се обидуваат да ја симнат самата слава на Спасителот: други спаси, а Самиот не може да Се спаси; самото достоинство на Синот Божји: ако Си Син Божји, слегни од крстот; самото богатство на верата во Него: нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него? И така, да ја утврдиме во нашите срца оваа чудесна и страшна за светот, но радосна за верните вистина: дека во целиот свет нема ништо покрепко од Крстот и побезбедно од Распнатиот. Ужасите од Голготата затоа и се расеани по целиот свет, за ние, не воочувајќи никаде безбедност, да бегаме право на Голгота, и да се фрлиме пред нозете, да се сокриеме во раните и да се потопиме во страданијата на Распнатиот Спасител. О, сонце! Зошто од Него го криеш своето лице напладне, кога великото дело на темнината уште при твојата светлина ја достигна веќе својата полноќ, и кога за очите на Оној што гледа сè и темнините се посветли од твојата светлина, и во темнина толку јасно го гледаат призорот на Богоубиството! Така! Во твоето негодување запечатено беше нашето вразумување; ти побрза да го направиш видлив денот на непријателството и гневот, за да нè преведеш нас кон созерцателниот ден на љубовта и милосрдието, осветлен со незаодната светлина на Трисолнечното Божество.
Христијанину! Нека темнина ја покрие земјата! Нека има мрак над народите! Дигни се од стравот и недоуменијата! Заблескај со вера и надеж! Низ темнина доаѓа твојата светлина! (Ис 60,1-3). Помини низ патот, преку кој раскинатата завеса ти ги открива таинствата; влези во внатрешното Светилиште на Исусовите страданија, оставајќи го зад себе надворешниот двор, предаден на народите за уништување. Што има таму? – Ништо, освен светата и блажена љубов на Отецот и Синот и Светиот Дух кон грешниот и беден човечки род:
Љубовта на Отецот која распнува.
Љубовта на Синот која е распната.
Љубовта на Духот која торжествува со силата на Крстот.
Бог толку го возљуби светот!
За оваа љубов, христијани, нека ми биде дозволено малку да помолчам пред вас, бидејќи е невозможно таа да биде изречена, така што и Самото Слово Божјо, за совршено да ја изобрази неа, замолкна на Крстот. Ова Слово и оваа љубов нека ни даруваат и нам безмолвие, како и внимание на тоа безмолвие, како што и децата на една иста мајка со нејзиното срце и нејзините зборови заеднички молчат и го разбираат молчанието.
Извадок од Слово на Велики Петок, 1816 година
Свети Филарет Дроздов (митрополит Московски)