Една од асоцијациите кога ќе се спомне Битола се убавите и талентирани битолски чупиња.

Таквата перцепција за градот со години ја создавале исклучителни девојки со став, смисла за естетика и исклучителни дарби. Кога станува збор за Битола, музиката секако е една од најистакнатите области која на уметнички план дала вонсериски изведувачи на ниво на Македонија, па и пошироко.

Тамара Стојковска е едно такво „чупе“ кое уште од најрана возраст се „заразува“ со музика и станува присутна на музичката сцена, на која е веднаш препознаена како талент преку учество на детски фестивали и хорови. Тамара е меѓу ретките изведувачи на македонската естрада, која себе си целосно и професионално и приватно, се гледа 100% во музиката, затоа што верува дека само со целосна посветеност и внесеност во она што се работи, можат да се постигнат замислените цели.

А кога станува збор за целите, Тамара е една од ретките млади луѓе во Македонија која независно од тешкотиите и предизвиците, постојано оптимистички покажуваат ентузијазам, и самата силно убедена дека – со јасен план, упорност и трпение, чекор по чекор може да се остварат дури и соништата кои на луѓето им изгледаат како невозможни и недостижни.
За читателите кои не Ве знаат доволно и ги интересира која е Тамара Стојковска. Претставете им се на кратко?
– Јас сум Тамара. Се занимавам со музика откако знам за себе, ,,Што ќе остане” е моја најнова (петта по ред) песна, сум главен вокал во бендот Funk’d Up, сакам да музицирам со различни состави и да експериментирам со различни жанрови. Љубопитна сум и во музиката и во животот генерално и се надевам дека мојата музика буди чувства кај секој што ја слуша.

Имате нова песна насловена ,,Што ќе остане” која излезе пред скоро време. Какво е чувството кога ги гледате и слушате импресиите од публиката?
– Неописливо! Процесот на создавање на песната и минута после промоцијата на песната се два различни света. И двата носат посебна енергија и радост, но секако од моментот на промоција се е непредвидливо и возбудливо бидејќи секој човек ја доживува различно.
До сега реакциите се одлични и покрај убавите коментари од пријателите и колегите музичари, се радувам што музиката допира и до нови луѓе. Така што се надевам дека ќе продолжи во оваа насока и дека песната ќе си го најде патот до публиката.
Пеете во бендот FUNK’D UP. Кажете ни нешто повеќе околу тоа како функционира бендот? Имате ли заеднички проекти? Каде можат битолчани да Ве чујат во живо?
– Да, бендот го формиравме во 2019 година и активно настапуваме низ Македонија од тогаш. Освен мене, членови во бендот се Владко Симоновски, Коста Стеваноски и Иле Лулевски и ми е огромно задоволство што имам можност да настапувам со музичари како нив.
Од страна на проекти моментално сме фокусирани на настапите во живо, но имаме и доста идеи за некои проекти во иднина, па којзнае, можеби баш оваа година ќе оствариме дел од нив. Што се однесува до настапите во Битола, таму сме многу често и битолчани можат да не чујат на повеќе локации низ градот.

Кои беа Вашите почетнички чекори кон развивањето на музичката кариерата?
– Освен промовирањето на мојата прва песна ,,Друга ѕвезда”, мислам дека нема друг момент во кариерата што бил со намера да биде чекор за некаков почеток.
Иако со музика се занимавам од 6 годишна возраст и до сега сум имала и други интереси особено во уметноста,никогаш не сум гледала на музиката како хоби туку како главна професија. Со тоа на сите музички проекти, преработки, настапи и песни сум била целосно посветена и се чекори кон развивањето на мојата музичка кариера.

Дали можеби сите Ваши песни носат наслови кои имаат силно значење за Вас?
– Насловите секогаш си доаѓаат спонтано откако ќе се заврши текстот на песната, а самите песни дефинитивно се инспирарни од работи што ми имаат значење. Музиката е начин на изразување па така кога во животот некој или нешто разбуди некакви чувства, тие чувства инспирираат песна.

Во детството сте глумеле во театарот Дел Арте во Битола. Да Ви даделе можност да глумите во некоја серија или филм на местото од некоја позната глумица, која би била таа?
– Ги има многу, но ете лик што верувам дека сите добро го знаат, а моите другарки на шала ме нарекуваат така е Моника од Friends. Иако (се надевам ) дека не ги носам работите до крајност, многу сакам кога се е организирано и кога можам да ги имам моите задачи (и живот ) под контрола.

Секој човек има свој идол. Кој е Вашиот и зошто?
– Не би рекла дека имам идол, но има многу луѓе на кои им се восхитувам и ме инспирираат да бидам подобра на секое поле во животот. Кога станува збор за музика тоа се од светски и домашни ѕвезди, до моите колеги музичари со кои соработуваме последните години.

Кога би морале са изберете една од Вашите песни, која би била таа? Зошто баш неа?
– Ова е навистина тешко да се избере, особено кога сум во екот на импресиите од промоцијата на ,,Што ќе остане”. Баш изминатиот период анализирав и размислував на оваа тема и сфатив дека секоја од песните до сега ми донела различни радости.
Некоја има силно значење за мене, некоја останала најпрепознатлива за публиката, за некоја сум имала можност да соработувам со некои блиски пријатели, итн.

Секоја песна е оживеана преку некој свој типичен спот. Сигурно пред неговото поставување на интернет, тој мора да биде проверен. Се случуваат ли грешки во снимањето? Ве враќаат ли на истата сцена повторно и повторно ?
– Секако, особено за ,,Што ќе остане” бидејќи направивме one-shot видео запис што значи целиот спот е сниман од почеток до крај и нема простор за никаква грешка од било кој во тимот. Во ваков случај првен го вежбаме целиот спот па после тоа се снима повеќе пати од почеток до крај и се вади најдобрата верзија. Ако некој случајно згреши или не стигне на време на позицијата ја враќаме не само сцената, туку целата песна повторно. Како и да е, на крај и тоа како вреди.

Која е твојата порака за читателите на kepenci.mk?
– Доколку имате некаков сон, колку и да изгледа невозможен или недостижен, направете план и чекор по чекор работете на неговото остварување. Ако на луѓето околку вас им изгледа невозможно, не значи дека навистина е така.
Никој не може точно да ја знае амбицијата што ја носите во себе ниту пак може да ги оствари вашите соништа за вас. Се што имате сте самите себе и од вас зависи дали соништата ќе ви останат копнеж или ќе работите да стигнете до целта.
Не верувам во муабети дека зависи од каде доаѓаш, кои луѓе ги познаваш или слично. И кај нас и во светот има стотици приказни што го негираат тоа, па зошто и ние да не бидеме една од нив?
