Во време кога често се вели дека воспитанието како компонента од воспитно образовниот процес е запоставено, да се има „специјалист“ за воспитание на деца блиску, во својата заедница е вистински благослов. Добитникот на признанието на Сојузот на просветните работници, Татјана Грегова од Битола е еден таков светол пример.
Во времето во кое живееме, образованието често се споменува како причина за проблемите. Но истовремено и поле каде се наоѓа решението за многу општествени предизвици. Воспитниот момент како компонента е важен дел од образовниот процес и градењето на една млада личност воопшто. Оттука, професијата воспитувач, станува се’ повеќе важна, би рекле – клучна во процесот на развој и позитивни реформи на едно општество, но за жал, кај нас е често на маргините, недоволно вреднувана, па дури и потценувана.
Тоа е причина повеќе да се истакне, посочи и вреднува секој поединeчен светол пример на воспитувач. Татјана Грегова – воспитувач во ЈОУДГ „Мајски Цвет“ во Битола е пример кој заслужува внимание, дотолку повеќе што нејзината посветеност и одговорен пристап кон оваа важна професија беше препознаен од општеството и неодамна таа доби високо професионално признание од Сојузот на просветните работници. Татјана Грегова е дипломиран учител и дипломиран воспитувач и како што таа умее на шега да каже – „специјалист“ за воспитание и образование на деца до 10 годишна возраст. Татјана е мастер воспитувач за колегијална поддршка и воспитувач со звање ментор.
Повеќе за неа во ова издание на рубриката Анфас (интервју).
Што значи за Вас професијата воспитувач за предучилишно образование?
– Воспитувач во градинка е лицето кое се грижи за безбедноста, воспитанието и севкупниот развој на децата од 2-6 години за време на престојот во градинка.
Воспитувач е една благородна професија која може да се стави на листата како една од најодговорните и најстресните професии во современово време.Професија која бара многу Љубов, одговорност, имагинација, креативност, издржливост,трпение, флексибилност, почит, комуникациски вештини и способности бидејќи покрај работа со децата се работи и со родителите и поблиските членови на семејството на детето.
Затоа една препорака до сите кои планираат да студираат за воспитувач и работат со деца од предучилишна возраст пред да ја донесат одлуката за избор на професија добро да ги запознаат сите карактеристи предности и недостатоци на ова професија, бидејќи наивно е да се верува во тоа дека за да се биде добар воспитувач треба само да се сакаат децата. Професијата е постојано изложена на психо-емоционален стрес и бара способност за контрола на своите емоции и однесување.
Што значи за вас лично признанието од Сојузот на просветни работници?
– Признанието кое го добив испраќа една порака дека трудот може да се цени и вреднува во Македонија.
Чест и задоволство е да се добие признание за трудот, работата, посветено време во професијата во работата со децата од предучилишна возраст. Тоа сега ми дава дополнител поттик и мотивација за достигнување на повисоки цели во својот професионален и кариерен развој.
Кој е клучниот момент кога сфатите дека сте добра во ова што го работите?
Клучен момент дека ќе сум добра во тоа што го работам немаше. Тоа беа повеќе моменти пред се среќните и насмеани лица на децата кога доаѓаа во градинка. После месец дена работа во група со деца знаев дека „тоа е тоа“ жаргонски кажано, што сакам да го работам. 12 години го чекав повикот да го работам со деца и оваа работа е работата која ја сакам и ми причинува задоволство а постои голема разлика меѓу работа и повик и тоа треба да ни биде јасно.
19 години бев активен член и волонтер во Црвениот крст. Како сертифициран младински лидер и тренер постојано следев обуки и го збогатував своето знаење не само од области поврзани со Црвениот крст. Стекнатото знаење и искуство постојано го досеминирав на обуки и работилници не само со младите членови, учениците, студентите туку и на различни категории на лица од различна возраст и професија.
Искуството од обуките и работилниците многу ми помогна кога започнав да ја работам професијата учителка во одделенска настава а покасно и воспитувач во градинка да застанам пред децата без трема, страв несигурност. Пред себе ја имав својата самодоверба, стекнатото академско знаење и компетеции кои стекнав за време на студирањето на Педагошкиот факултет на насоките за предучилишно воспитание и одделенска настава.
Во градинките има и деца со пречки во развојот, секоја од овие попречености е специфична и налага посебен пристап. Како се справувате со тоа?
– За жал во последните години се повеќе децата во градинките имаат развојни потешкотии. Ние воспитувачите постојано се едуцираме и обучуваме да им излеземе во пресрет на овие деца меѓутоа сметам дека овие деца заслужуваат индивидуална поддршка од стручни лица (специјални едукатори и рехабилитатори) бидејќи потребата на овие деца за поддршка е различна и уникатна, од дете до дете.
Имате ли некоја посебна анегдота поврзана со работата со деца и комуникацијата со родителите која би сакале да ја споделите?
– Секојдневно во градинарскиот престој и работа со децата се случуваат анегдотски ситуации кои за жал заради природата на работа во тој момент не сум во можност да ги запишувам, инаку би произлегла книга многу интересни и позитивни, вистинити анегдотски приказни, а баш сега немам некоја која посебно би ја издвоила .
Едно е многу важно при работењето на оваа професија, а тоа нашето однесување. Ние воспитувачите сме модел за секое дете и затоа треба да внимаваме како се однесуваме и кои примери на поучување ги презентираме пред децата, затоа што тие многу добро умееат да имитираат.
Која е Татјана надвор од градинката?
– Бивши професионален спортист, кој тренирал и играл 10 години активно кошарка. Со спортскиот дух се уште се дружам 13 години редовно вежбам пилатес, понекогаш и држам часови заменувајќи го тренерот по потреба.
Татјана е дел од редакцискиот одбор на издавачката куќа „Едука Мак“ Скопје која е специјализирана за литература за деца од предучилишна и рана училишна возраст.
Коавтор на Македонска Илустрирана Енциклопедија за деца како и два прирачници по математика „ Математички текнувалки“ за деца од предучилишна возраст и редовен соработник во детското списание „ Супер Смешка“
Соработник во детскиот музички фестивал „Тра ла ла“. Што се однесува до музиката љубителка на евергрин музика , но за музичките вкусови не се зборува секоја музика е добра и посебно убава.
Татјана е љубител на фотографирање. Секојдневно на социјалните медиуми поставува убави фотографии и конкурира на конкурси за фотографија. Инспирацијата е секојдневието. Предизвик – секој миг, момент, пејсаж, растение, дете.
Како би се опишале себе си како личност?
– Модерново време донесе во нашиот говор да употребуваме зборови од немакедонско говорно подрачје така да за ова прашање ќе употребам еден збор Татјана е„ мулти-таскинг“ личност или во превод, лице кое секојдневно прави по неколку работи нееднаш. Како со тоа се справувам јас велам благодарение на умешноста за организација, а дали е тоа така, најдобро знаат оние кои подобро ме познаваат .
Кога некој ќе побара од мене да се опишам најчесто ги користам придавките со буквата со која започнува моето име три Т: – темпераментна, – тактична, – толерантна – башка табиет по битолски кажано.
Типична, горда битолчанка која сака да шета, патува, да се дружи, да пие кафе на Широк Сокак, никогаш не неуморна за шопинг, концерти, театар – јавни настани и манифестации. Ја обожувам Битола и убавината на нашиот Пелистер.
Кое е вашето животно мото?
– Никогаш не им го прави на луѓето она што не сакаш тебе да ти го прават.