Најбогатиот човек на светот, Елон Маск е пред нов предизвик од акционерите на социјалната мрежа Твитер во неколкумесечното меѓусебно натегање околу наводната желба на милијардерот да ја купи мрежата за 44 милијарди долари.
Иако се работи за многу пари и за една од највлијателните социјални мрежи на светот, преку која најчесто и сите високи политичари искажуваат ставови и комуницираат со јавноста, целата „ујдурма” која ја започна Маск, наликува на меѓусебно надмудрување и блефирање.
Зошто блеф ?
Познавачите веруваат дека всушност ниту Маск сакал да го купи Твитер, ниту пак акционерите на Твитер вистински сакаат тој да биде продаден, како што се чини сега, туку дека ова е една голема експериментална игра во која освен што преку јавните потези и изјави, се манипулира со вредноста на акциите на берзата, двете страни се обидуваат една од друга да извлечат некаква финансиска добивка во вид на отштета.
Во најновиот правен маневар, кој личи на продолжување на блефот, акционерите на Твитер сега речиси едногласно сакаат да го продадат и го одобрија договорот за купување на компанијата што го склучија со Eлон Маск на почетокот на годинава, а на кој тогаш жестоко се противеа.
Врз основа на прелиминарното сумирање на гласовите на акционерите, околу 98,6 отсто од нив на вонредна седница го одобрија предлогот за усвојување договор за законски да го принудат сопственикот на Tesla и Space X да започне со преземање на компанијата, откако тој еднострано го раскина договорот во јули.
Во април Маск се согласи да го купи Твитер за 44 милијарди долари, додека неговата моментална вредност се проценува на 32 милијарди долари. Но, Маск се повлече од договорот во јули, тврдејќи дека Твитер не ги исполнил неговите очекувања.
Правниот тим на Маск тврдеше дека Твитер не му дал доволно аргументи на Маск за да докажат дека лажните профили и ботови на мрeжата не се повеќе од само 5 отсто од нивните дневни активни корисници.
Твитер го тужеше Маск во обид да го принуди да го заврши купувањето на компанијата за старата договорена цена од 44 милијарди долари, наспроти сегашната пазарна вредност од 32 милијарди.
Аналитичарите велат дека 12 милијарди долари е голема разлика, но дури и неважна во однос на светското политичко влијание кое го има Твитер.
Секоја изјава или обична објава на Маск на мрежата, предизвикува големи осцилации на светските берзи, па се верува дека целата мешаница околу Твитер, Маск ја започнал намерно за да му го наруши угледот, кредибилитетот и да ја разниша довербата на корисниците во објективноста на Твитер.