На маргините на регионалниот азиски форум на Организацијата за шангајска соработка и т.н. Пат на свилата, во узбекистанскиот град Самарканд конечно ќе се случи очекуваната средба во живо меѓу рускиот и американскиот претседател, Владимир Путин и Си Џипинг.
Двајцата лидери подолго време комуницираа само телефонски или преку видео врска, а ова ќе е првпат кинескиот претседател Џипинг физички да ја напушти земјата од почетокот на ковид пандемијата.
Со оглед на тоа што форумот во Самарканд е од економска природа, сосема очекувани се најавите главна тема на разговор да биде меѓусебната трговска размена, со посебен акцент на енергенсите. Русија последните години неколкукратно го зголеми извозот на нафта во Кина, а сега се разгледуваат можности и за поголем извоз на природен гас, како алтернатива за пренасочување на гасот претходно наменет за гасоводите кон Европа.
Аналитичарите очекуваат високо на геополитичкиот дел од агендата да се најдат Украина и Тајван, за кои Русија се труди да стави знак на еднаквост, во обид да добие подиректна кинеска поддршка во врска со украинската инвазија.
Кина, досега се труди да се однесува балансирано во врска со Украина, одбивајќи да се приклучи на меѓународните санкции кон Русија, но во исто време со реторика со која го разбира, но не и директно поддржува руското воено интервенирање во Украина и со повторување на јасниот став дека преговори, а не војна се решението за руско-украинскиот проблем.
Од кинеска страна се вели дека партнерството со Русија се одвива добро и дека тие се широко отворени за секакво продлабочување на соработката меѓу двете земји.