На програмата на 31 издание на Меѓународниот фестивал на класична музика „Интерфест” вечерва ( среда 5 октомври) во 20:00ч. публиката во Офицерскиот дом во Битола ќе има можност да чуе двајца извонредни виенски мајстори на труба и пијано.
Кристијан Лев на труба и Карл Ајхингер на пијано ќе изведат дела од Арутјуњан, Бетовен, Арбан, Кореа, Рајнер.
Кристијан Лев е роден во 1978 година во Мистелбах, Долна Австрија.
Студирал на труба на Виенскиот конзерваториум и на Универзитетот Моцартеум во Салцбург со професорите Ричард Швамеис и Карл Штајнингер.
Во неговата последна година од студиите во 2003 година, добива ангажман како солист на труба во Филхармонијата во Дортмунд, а од 2007 година е член на ансамблот на Виенскиот симфониски оркестар.
Во 2000 година Кристијан Лев беше член на Олимпискиот бенд кој настапи на отворањето на Олимписките игри во Сиднеј, Австралија.
Одржува бројни мастер класови во Австрија и во странство и е визитинг професор на приватниот Виенски конзерваториум.
Карл Ајхингер е роден во 1965 година во Цветл, Долна Австрија.
Студирал пијано на Виенскиот универзитет за музика и изведувачки уметности каде завршил и магистерски студии. Потоа студирал на Виенскиот Конзерваториум на Приватниот универзитет кај Франц Зетл, а посетувал и мастер класови кај Олег Мајзенберг и Рудолф Керер.
Со текот на годините тој се здоби со значително искуство како солист и камерен музичар.
Ајхингер е водечки пијанист на „Виенските симфониски виртуози”. Уметнички директор е на неколку фестивали во Виена и Долна Австрија. Во 2009 година ја добива државната награда „Сребрен медал на честа за заслуги на Република Австрија“.
Љубителите на уметноста и музиката вчера во акустичниот амбиент на Офицерски имаа можност да го проследат рециталот на македонската солистка на харфа Мерсиха Шукри, поздравувајќи ја со одушевување, овации и долги аплаузи со кои ја врати на бис, но ѝ изнуди и влажни очи и трепрелив глас, со кој призна со колкава возбуда настапила во Битола од каде потекнува и добро ѝ е познат специфичниот префинет и строг музички сенс на битолската публика.
Амбиентот на концертната сала на Офицерски од вчера е разубавен и облагороден и со слики од познатиот белградски академски сликар Миливоје Новаковиќ – Кањош, во изложбата насловена како „Патот за Дихово”.