Во време кога образованието е се повеќе критикувано од јавноста, можеби затоа што во него се лоцирани и корените на главните проблеми во општеството (и решенија) обидот да се сочуваат идеалите на универзалната и безвременска титула “Учител” личи на безмалку невозможна мисија која се граничи со донкихотовска лудост.
Во современото општество на „инстантното” во кое површноста и просечноста навлегле во сите професии кои некогаш се ценеле како посебни, возвишени и благородни, навистина ретки се примерите на задлабочена посветеност и подготвеност на жртва, дотолку повеќе ако тешкотиите и предизвиците на професијата, од тешкотија се претворат во подарена можност за „мисија” за каква што секој немал шанса да се удостои.
Влатко Стојковски како ретко кој млад човек, веднаш по дипломирањето добил можност да почне да работи како наставник, но далеку од градот, во селска средина.
Денес, по повеќе години искуство, е благодарен за можноста да им се восхитува на селските деца на кои им предава и самиот секојдневно да учи од нив.
За важноста на образованието, на јазикот и на историјата, но и за предизвиците пред кои ни е исправено образованието, со него разговараме во рубриката Анфас:
Како Влатко се вљубил во македонсиот јазик и во наставничката професија?
– Мислам дека основното образование остава најсилен впечаток врз детската личност. Токму одовде се сеќаваме на најдобрите модели на наставници. За мене тоа беше примерот на наставничката по македонски јазик од времето кога почнав да учам во предметна настава. Нејзиниот пример беше пример за правилен говор, правилен ракопис и одмереност во надворешното држење помешана со блага строгост. Сепак, наклонетоста кон нас учениците и родителскиот однос, исто така беа одлики на нејзиниот карактер. Оттогаш почнав да пишувам и писмени состави кои беа високо вреднувани и тоа беше повод да го негувам пишувањето. Секако, имав и други омилени предмети и наставници за пример. Се сеќавам дека кога учев во домашни услови, на вратата од детската соба лепев листови хартија и повторував од градивото, запишувајќи ги најважните работи со фломастери и кажувајќи ги на глас. Можеби најраните интереси се развиле токму тогаш, којзнае?
Кога дојдов до завршната етапа на студирањето, се сеќавам дека доживеав мала криза на неодлучност дали сакам да ја работам наставничката професија, но тоа кратко траеше и заврши со денот на одбраната на дипломскиот труд кога од комисијата ми беше кажано дека “веќе од утре можеш да почнеш да работиш како наставник”. Тоа беше “ветер во грб” и кај мене предизвика пријатни емоции и ја поттикна самоувереноста.
Наставничката професија кај луѓето важи како професија која овозможува подолг одмор за вработените, земајќи ги предвид зимскиот и летниот распуст кои траат и по неколку месеци. Но, дали е навистина така?
– Да, тоа е ударна тема кај нас и начин да се критикуваат наставниците. Точно е дека поминуваме дел од летниот и зимскиот период надвор од училиштето, но најголемиот дел од тие денови се регулирани со закон. Тоа отсекогаш било така и е повразно со крајот на наставната година или полугодието, па кога децата не се во училиште, логично е дел од задачите да се обработуваат и во домашни услови, откако претходно ќе биде завршено сѐ она што мора да се заврши исклучиво во рамки на училиштето како институција. Слични реперкусии се прават и во однос на работното време на наставниците на дневна основа. Но, не смее да се занемари фактот дека работното време на наставникот го опфаќа и ангажманот што секој еден од нас го прави и во домашни услови (планирање, подготовки за час, оценување, анализи и.т.н.).
Кон ова би го додал и фактот што значаен дел од наставниците речиси секојдневно патуваат и повеќе километри до работното место, а за некои дестинации (како во мојот случај), секој ден патувате по два часа за да поминете 100-ина километри до работа и назад. Патните трошоци и хранарината ги одделуваме од сопствениот џеб со што практично третина од заработувачката така речено ја враќаме за да стигнеме до работа и да одговориме на професионалниот призив. Лично јас, особено летниот период, изминативе пет-шест години го користам за учество со мои ученици на детски книжевен камп што традиционално се одржува во Охрид и сметам дека навистина квалитетно и убаво го поминуваме времето, а децата уживаат и се едуцираат во исто време.
Интересна е Вашата приказна за Вашето дипломирање, и скоро вработување. Сте се вработиле само неколку дена по дипломирањето. Таква била Вашата среќа, Вашиот пат. Но, како Влатко го доживеа моментот на вработување во рурална средина, како еден штотуку дипломиран студент?
– Да, дипломирав на 28 август или за православните Христијани Голема Богородица (Успение) па може да се каже дека и самото вработување си беше Божја промисла или патот по којшто требаше да се тргне. Кога првично бев понуден, реков дека не сакам бидејќи сакав да работам во училиште во родната Битола. Но, за брзо поблиските околу мене ме разубедија дека сепак станува збор за работа и дека не треба да се испушти од рака. Така, на 1 септември 2009 година, директно од студентската катедра се појавив на своето прво работно место во училиштето во село Жван (демирхисарско) кое што го носи името на македонските преродбеници, браќата Миладиновци. Иако селото добро го познавав, со оглед на тоа што мојата мајка е од Жван и речиси сите распусти како дете ги поминував таму кај моите баба и дедо, сепак првиот ден чувствував голема возбуда. Приемот од страна на повозрасните и поискусните колеги тој ден беше срдечен, а исто така и оној од страна на децата, така што остана да живее во мене како убав спомен.
Инклузивното образование овозможува работа со деца со посебни образовни потреби. Колку е тоа предизвикувачки за еден наставник?
– Можеби еден од најголемите предизвици пред коишто е исправена учителската професија, но секако и самите деца со посебни образовни потреби и нивните семејства. Иако веќе неколку години инклузивното стана дел од редовното образование, сметам дека се соочуваме со сериозни предизвици за кои што нам како просветни работници нѝ е потребна квалитетно осмислена доквалификација на оваа тема. Инклузијата подразбира ученици со различни видови на посебни потреби и овој предизик е така добро разгранет, за што сметам дека ќе бидат потребни вложувања од значајни размери, како и обезбедување на човечки и материјални ресурси и обуки на наставниците и стручните соработници и изнаоѓање решенија за унапредување на нивната меѓусебна соработка, а со цел што подобро да се излезе во пресрет на децата со посебни потреби. Лично имав и имам можност да работам со деца кои поседуваат аутизам, ниско ниво на интелигенција и церебрална парализа. Секое дете има своја приказна, и во услови на недостиг од компетенции кај нас наставниците, најдоброто што може да им го дадете е вашето внимание и грижа. Да знаат дека ги сакате и почитувате, но и дека им се восхитувате на моменти.
Колку денешните деца т.е. ученици се писмени, знаат ли добро и правилно да се изразуваат и да ги користат интерпункциските знаци?
– Веќе 14 години работам како наставник. Праксата покажува дека последниве години учениците кои доаѓаат од одделенска во предметна настава, покажуваат слаби предзнаења. Мал е бројот на оние деца кои имаат разбирлив ракопис и ги познаваат основните правописни правила. Писмените состави кај повеќето деца се бескрајно долги реченици каде што ретко се употребува точка и запирка. Лично се соочувам со букви коишто личат на некакви нови “измислени” знаци. Недостига поголемо внимание на ортографијата и насочување на децата како правилно да се пишуваат знаците (буквите) уште во раната возраст. Факт е дека ситуацијата е веќе алармантна бидејќи и нивото на усно изразување е ниско и децата користат сиромашен речник, па нивното размислување ретко се разбира во целост и често како наставници сме приморани да “ги влечеме” зборовите како би дошле до посакуваниот одговор. Читањето исто така е проблем кај повеќе деца кои почнуваат во предметна настава (значи се шесто одделение) и тоа знае да биде вистински предизвик за нормален тек на наставниот час.
Што мислите, дали постои разлика помеѓу децата кои учат во рурални, и децата кои учат во урбани средини?
– Не би можел да бидам целосно прецизен бидејќи целиот свој работен век досега го поминав во училиште во рурална средина. Но, од друга страна сум одржал и часови со деца во урбана средина. Сметам дека подеднакво добро може да се работи и со едните и со другите ако заземете правилен став и сте добро подготвен. Децата тоа ќе го препознаат, без разлика каде живеат. Поради работата, можеби подобро се идентификувам со децата од селото.
Во повеќето од нив има една благопријатна кротост и добрина и работата со нив сите овие години за мене е навистина пријатна во најголема мера. Сметам дека имаме хармонични односи и тоа е многу важно за еден наставник и неговите ученици. Речиси секој ден сме заедно и многу е важно заеднички да наоѓаме решенија за предизвиците кои што се исправени пред нас, а верувајте дека нема ден во образование да помине без предизвици. Исто така сметам дека денешните деца од руралните средини се речиси изедначени со децата од градовите, бидејќи повеќето го имаат речиси сѐ она што го има и во градовите, со таа разлика што според мене децата од селата живеат во поприродна и поздрава средина, физички се поактивни и тоа е една значајна придобивка.
Земајќи ја предвид компјутерската технологија и нејзиниот брз развој, дали децата сакаат да читаат книги? Ги читаат ли лектирите кои им ги задавате?
– Бројот на деца кои читаат лектири станува помал. Заморот што го чувствуваат по долго време поминато пред екранот на телефоните или таблетите, им ја одзема желбата да застанат пред книгата. Нивото на концентрација е нарушено на дневна основа, читаат кратки информации (како и повеќето возрасни) и веројатноста дека ќе прочитаат книга од 150-ина страници за одреден временски период е сѐ помала. Ако продолжи ова темпо, лектирите можат да станат невозможна мисија за повеќето деца.
Колку Ве исполнува наставничката професија? Бара ли таа жртва?
– Ме исполнува. Тоа е мојата животна професија. Наставникот треба да биде иновативен и интересен, и самиот постојано останува ученик бидејќи постојано учи и треба да наоѓа начини како да ги мотивира и насочува младите луѓе на правиот пат. Тоа е професија која што во голема мера го определува и начинот на кој што размислувате и живеете. Вие сведочите со вашиот личен пример и можноста да погрешите треба да се сведе на минимум бидејќи некого може да го мотивирате, но и крајно да го обесхрабрите. И во едниот и во другиот случај, вашето однесување остава печат во животот на секое едно дете со кое се среќавате и разговарате за време на, но и надвор од часот. Посветените наставници имаат помалку време за себе и не ја штедат енергијата кога се во прашање нивните ученици, така што-да, жртвата е неминовна. Дополнително, во нашето општество и денешното време, како наставник наидувате на безброј критики, па мора да бидете истраен карактер кој што со тоа ќе може правилно да се носи.
Што би им препорачале на Вашите идни колеги, па и на учениците воопшто?
– За крај на ова интервју, ќе искористам една реченица од еден стар филм посветен на св. Климент Охридски, каде што завршните зборови на главниот лик се: “Запознајте го делото на вашите учители како што ние ги запознавме нашите”. Сите ние, денешните учители и ученици, треба да станеме свесни за делото на нашите предци. Ние не само што сме потомци на св.Климент и Наум, на Мисирков и на Конески, ние мора да научиме и да живееме како такви. Тоа значи да водиме грижа за мајчиниот македонски јазик и да ги негуваме националните вредности кои повторно се нападнати и на кои што им се заканува изобличување.
Така ќе покажеме и љубов кон татковината која што не треба да биде само декларативна. Ни недостигаат дела и создавање на нови вредности што ќе останат за оние после нас, но и негување на делото на оние кои биле пред нас. Мора да разбереме дека образованието не е ни помалку ни повеќе, туку создавање образ. Тоа треба да од сите нас да создаде личности достојни за почит кои ќе направат оваа наша Македонија да стане поубаво место за живеење, а не земја од која сите ќе се иселуваат. Ако нашите ученици еден ден станат натурализирани Германци, Швеѓани, Американци и слично (без навреда кон никого), тогаш залуден е трудот на просветните работници. Од нашите училишта треба да излегуваат родољуби и чесни луѓе, а за тоа да се постигне, потребни се многу поголеми напори од овие сега и поголемо самопочитување. Примерот што го даваме ние како возрасни, посебно оној на некои јавни личности кои се на важни општествени функции денес, според мене е лош. Додека остане така, не можеме да очекуваме нештата да се одвиваат на добро.