За промоцијата на книгата „Невидлива е војната“ од Маја Стела
Во време кога зборот „промоција“ се повеќе се врзува за тривијални моменти од нашето денешно изразито потрошувачко секојдневие, со значење на промоција на цени и производи на намаление и распродажба во трговски центри, или пак како промоција на политички кандидати, на нови функционери и чин на унапредување на работа – да се зборува за Промоцијата во контекст на едно од нејзините изворни и суштински значења – како јавно претставување уметност, нудење и препорака на благородната мисија на некој оригинален автор, е навистина ретко, а уште поретко присутно во медиумите.
Битолската поетеса, Маја Стела е една од ретките денешни ентузијастки, која во време кога модерната инстант-технологија сурово се пресметува со безвремените вредности, неуморно и упорно јуриша кон ветерниците, витешки бранејки го зборот како непотрошлив градежен материјал за споменици во вечноста.
Еден таков споменик, на едно „битолско време“ обележено со длабоко втиснат печат од личности, настани и специфични амбиенти во мигот, низ призмата на личниот впечаток и субјективното романтично носталгично видување на авторот, е најновата збирка поезија „Невидлива е војната“ од Маја Стела, која грчевито се обидува во дланките да ги задржи последните зрнца песок, што одамна истекле низ песочниот часовник на времето.
Рецензентката и промотор на книгата, Симона Петровска, во моќта на зборовите кои „низ искушенија трагаат по вистинскиот пат“ препознава „исцелителност на душата“, а промоторот Михајло Свидерски, во „интроспективноста и екстроспективноста“ на стиховите кои се навидум насочени локално и национално, согледува „универзални вистини“.
Старата турска поговорка „Колку јазици знаеш, толку луѓе вредиш“ совршено вклопена во идејниот економско-архитектонски и мултикултурен концепт на старата битолска чаршија (која како и сите други од тоа време е изградена во отоманскиот период) како обележје на типично битолскиот историски „менталитет“ втиснат во колективната меморија на градот, сурово болно се согледува во песната „Изнемоштена верност“, преведена на сите некогашни чаршиски јазици, во која тешката одлука на авторката да се „впука песот за да не се мачи“ болно одекнува како последен бунтовен крик од едно време и по едно време, кое се откажало од самото себе, но не и од верноста.
Хиперреалната суровост, како изблик на еден необично есенциран гнев, кој поетесата го насочила навнатре, кон многуте свои скриени лузни, но и се уште крвави, па дури и загноени, непреврзани рани од „војната“ која, нели – е „невидлива“, преовладува во речиси сите стихови од оваа книга, заедно со потрагата по посакуваниот мир, кој во овој случај, се поистоветува со просто престанување на болката.
Во сета оваа имплозија, среде спомените од зборови кои истовремено болат и лекуваат, Маја Стела го продолжува разговорот со себе, зад ѕидините на добро утврдената „тврдина за тишината“(табија за тевната), оставајќи си порака, на самата себе – „мила“, за некогаш во времето, кога со „нови коски“ ќе може да „љуби без да старее“.
И да се вратиме на профаната „промоција“ без која денес, ни безвремените дела, не можат да бидат обзнанети.
По промоцијата во опуштен амбиент во кафулето „Паладиум“ во Стаклената зграда во Битола на која зборуваа промоторите Михајло Свидерски, Симона Петровска и Билјана Граматковски, во тек е промоцијата на Пролетниот саем на книгата на платото пред Офицерскиот дом во Битола, каде можете да ја купите и „Невидлива е војната“ од Маја Стела, по цени…„на промоција“, заедно со другите изданија на битолската Издавачка куќа „Восток“.
Благој Шаклевски