Четвртиот завршен настап од македонската турнеја на проектот МАКЕДОНИСИМО на Симон Трпчевски и пријателите беше во Битола, на платото пред некогашниот Офицерски дом.

По претпремиерата во селото Збажди, на Караорман, и концертите во Скопје и Штип, Битолчани можеа да уживаат во извонредните нови аранжмани и уште подобрата изведба на традиционални македонски песни од генијалниот Симон Трпчевски на пијано и неговата, не помалку вредна дружина – Пријатели.

Битолчани со долги аплаузи, двоен бис, аплаудирање во ритам, цупкање во место, па и потпевнување и разигрување ја пречекаа светски реномираната екипа, која македонското музичко културно богатство го промовираше низ светот под името МАКЕДОНИСИМО.

Еве што напиша на ФБ една од одушевените битолчанки во публиката, мислење кое несомнено го делат сите присутни – БРАВИСИМО !
“БРАВИСИМО МАКЕДОНИСИМО!
Беспрекорниот Симон Трпчевски и пријателите кои од врвот на својата музичка надареност надалеку позната и призната ја излееа љубовта кон сопствената земја на најдобриот можен начин, преку виртуозна, а сепак топла и блиска изведба на македонската традиционална музика. “Македонисимо” звучеше прекрасно македонски”
