Актуелниот француски претседател Емануел Макрон според првичните неофицијални резултати од претседателските избори во Франција, освои 57-58% од гласовите со што доби втор петгодишен мандат.
Иако победата не е сѐ уште официјална, според однесувањето на берзите и курсната вредност на еврото, Макрон со сигурност е старо-новиот претседател на Франција. Разликата во гласовите најверојатно ќе биде речиси идентична со разликата која се предвидуваше со последните анкети направени во петокот.
Противничката на Макрон, Марин Ле Пен, иако го призна поразот, вечерва сепак славеше победа поради задоволството од постигнатиот резултат најдобар нејзин личен и во историјата на нејзината националистичка партија.
Само за споредба, таа освои дури 18% повеќе од најдобриот изборен резултат на нејзиниот татко.
Ле Пен веднаш најави жестока борба на парламентарните избори во јуни.
Аналитичарите се согласуваат со нејзината проценка на успешноста, бидејќи таа од маргиналец, успеа да се наметне како втор релевантен политички фактор во државата.