Средното Земјоделско училиште „Кузман Шапкарев” во Битола и Здружението „Галоп” – Битолска коњаница препознаа заедничка цел во своето делување, и иницијативата ја крунисаа со потпишување на Меморандум за соработка, во присуство на претставници на Институтот за земјоделство.
Земјоделското училиште на сите можни начини се обидува да ги заинтересира и поттикне децата, да се запишуваат во училиштето, за кое од година во година има сѐ помал интерес.
Модернизацијата и масовната „треска” на младите кон проучување на ИТ технологијата, општествените науки и менаџментот, го продлабочија парадоксалниот тренд, во градот-центар на најголемата македонска житница, Пелагонија да нема интерес за земјоделските струки. А и стручните насоки во училиштето не се како порано, модернизирани се и постојано се прилагодуваат на современите светски трендови, со максимален ангажман и посветеност на управата и професорите на училиштето.
Здружението „Галоп” пак, веќе неколку години се обидува да ја промовира љубовта кон коњите, јавањето и коњичките спортови, како дел од некогашната традиција на Македонија и Битола, која ден денес носталгично се сеќава на своите пајтони.
Првиот чекор е направен на стадионот во училиштето, каде пред учениците и професорите од Земјоделско, ученици од основните училишта од Битола, но и љубопитни битолчани кои разбрале и дошле да ја видат дружбата со коњите одблиску, можноста за првпат да погалат или да се качат на коњ, но и кратката обука од активистите, ентузијасти од „Галоп”, за основите на чување, одгледување, одржување, хранење и јавање коњи.
Ѕвезда, Мартин, Галирој, понито Жаклина и темпераментиот Торнадо ја сочинуваа дружината која неколку часа се дружеше со децата, и преку кои беа презентирани основните почетни знаења и вештини, потребни за одгледување и јавање коњи.
Децата разбраа дека и на коњите им се прават фризерско-козметички третмани со посебни четки, разбраа дека копитата се всушност нокти за кои е потребен маникир т.е. педикир, дека потковиците исто како чевлите имаат посебен број и големина.
Научија дека на коњите не е добро да им се дава пченица затоа што има останува меѓу забите и им прави проблеми, но најинтересниот дел беше – јавањето.
Природната детска љубопитност и вродена љубов кон животните, во многу опуштена атмосфера, ги надминаа стравот и срамот, што дури и најмалите дечиња чекаа во ред да пробаат да ја јаваат Жаклина, а некои и храбро побараа да се качат на поголем коњ.
Младиот коњ Торнадо, кој сѐ уште е во фаза на обука, изведе атрактивно кревање на двете нозе, глетка која наликуваше на мотив од некоја уметничка слика или античка скулптура.
– А кога ќе има пак?
Беше најчесто поставуваното прашање на стадионот, како што врелината на необично топлото есенско сонце го најавуваше крајот на дружбата.
– Сакам да дојдам со другарите, со брат ми, со мајка ми …
Децата веќе правеа планови за следниот пат, за кои некако беа сигурни дека ќе го има.
Настанот уште еднаш покажа дека младите (и не само младите) се жедни за природа, непосредност, спонтаност и нешто поинакво од секојдневието пред екраните на мобилните телефони, компјутерските игри и социјалните мрежи.
Сериозниот дел од иницијативата допрва треба да се анализира, планира и развива, но целта уште еднаш е покажана – дека Битола има и потенцијал и потреба, за поорганизирано, стручно водено и институционално поддржано развивање на коњичкиот спорт и рекреација, како една од традициите кои не значат враќање назад, туку напротив – отвораат еден куп нови перспективи и можности за иднината.