Илјадници жители на Хонг Конг со положување цвеќе и палење свеќи јавно ја изразуваат својата жал за британската кралица Елизабета Втора, која почина минатата недела во Шкотска.
Ова се смета за силна политичка порака кон кинеските власти во Пекинг, кои по 156 години британско колонијално владеење ја презедоа назад територијата на Хонг Конг, според договорот „Една татковина – два системи”. Со договорот е предвидено Кина целосно да го преземе управувањето со Хонг Конг, но во следните 50 години да не менува ништо во уредувањето – либералното пазарно водење на бизнисот, почитување на човековите права и модерниот западен начин на живот.
Меѓу Кинезите кои положуваат цвеќе за „газдарицата” има луѓе од сите возрасти. Старците велат дека првпат во животот купиле цвеќе сега за дамата-газдарица, иако претходно со цвеќе никогаш не ги израдувале ни сопругите. Бабите и дедовците на некои од нив пред повеќе од 120 години, со пливање бегале од турбулентната Кина, со желба да живеат мирно и удобно под владение, тогаш на една друга „газдарица”, кралицата Викторија. Помладите луѓе со деца велат дека се благодарни, затоа што и самите тие и нивните деца се родени во донираната болница која го носи името „Елизабета Втора”. Жалоста е масовна, јасно видлива и искрено носталгична по „поубавите времиња”.
И покрај договорот – една татковина две уредувања, властите во Пекинг се обидоа законски да го регулираат изборот на претставници во власта од Хонг Конг, инсистирајќи кандидатите да имаат исклучиво кинески патриотски убедувања. Веднаш е направена и промена во учебниците. Децата денес учат дека Хонг Конг никогаш не бил британска колонија, туку дел од Кина кој бил под страшна окупација и репресија на странски освојувачи.
Но Кинезите од Хонг Конг, кои денес жалат по „газдарицата” од Англија, имаат живо сеќавање на златните 70ти до 90ти години во Хонг Конг, кога колонијата беше посакувана дестинација за многу млади и успешни луѓе од Азија и целиот свет, поради одличниот стандард, организираното општество, слободата, високите плати и можноста за напредување во живото и кариерата.