Францускиот претседател Емануел Макрон, за разлика од неговиот американски колега Џо Бајден кој ја обвини Русија за геноцид во Украина, рече дека треба повеќе да се внимава со реториката.
– Вербалната ескалација не води кон крај на војната и постигнување мир – рече Макрон правејќи разлика меѓу извештаите за поединечни случаи на воени злосторства кои треба да се истражат, да се најдат одговорните и да се казнат, и обвинувања за геноцид и тоа меѓу два братски народи како што се рускиот и украинскиот.
Макрон се наоѓа во кампања пред вториот круг претседателски избори во Франција, па аналитичарите сметаат дека ваквите меки ставови кон Русија, за разлика од американските кои се заострија, се во функција на гласањето. Но, доколку се работи за популизам за домашна употреба, тоа би значело дека голем дел од гласачите во Франција имаат про-руско или во најмала рака анти-американско расположение.
До пред почетокот на војната во Украина, и во Германија изненадувачки голем дел од јавноста изразуваше наклонетост и почит кон Русија, што во дел се смета за „заслуга“ на политиката на Ангела Меркел која често демонстрираше блиски и пријателски ставови и гестови кон Владимир Путин.