Третина од животот ни поминува во спиење, а толку малку му обрнуваме внимание. Спиењето е многу важна компонента во нашето деноноќие. На телото му е неопходен одмор за внатрешните процеси да се одвиваат непрекинато. Некои луѓе се фалат со тоа дека не спиеле кој знае колку време или дека можат да издржат неколку дена без сон. Иако денешното општество тоа го смета за нормално – премногу е штетно за организмот ако не го одмараме правилно.
Во минатото луѓето мислеле дека нема никаква умствена активност кога спиеме. Тоа не е точно. Сонот има две фази: РЕМ и не РЕМ (NREM). Кога се обидуваме да заспиеме сме во првата фаза од спиењето таканаречена лесен сон. Тоа е преоден период меѓу будност и сон. Во оваа фаза се опуштаме, работата на срцето забавува, а исто и онаа на мозокот. Откако ќе заспиеме, приближно по час и половина, влегуваме во РЕМ фаза. Во оваа фаза на подлабок сон, очите забрзано се движат, а мускулите ни се парализирани. Температурата на телото опаѓа, а опуштеноста што ја имаше на почетокот, преминува во забрзаност на крвта и на пулсот. Во РЕМ фазата, активноста на клетките е скоро иста со нивната активност дури сме будни.
Ако се разбудиме во РЕМ фазата подобро ќе запаметиме што сме сонувале, но некогаш телото ни е дезориентирано и ни требаат неколку минути да се соземеме. Исто така, телото лачи повеќе хормони дури спиеме. Ова е многу важно за луѓе кои се занимаваат со било каков спорт, а посебно бодибилдерите. Хормонот за раст се зголемува, а кортизолот се намалува. Се препорачува да се легнува во исто време секоја вечер и да се спие најмалку 6-8 часа. На малите деца им е потребно повеќе.
Затоа треба да се храниме здраво, редовно да вежбаме, како и да му дадеме на телото заслужен одмор. На тој начин ќе ни се подобри менталната активност – како на пример, меморијата и способноста за решавање на проблеми. Ќе бидеме побистри и поприсутни. Разни срцеви, мозочни заболувања и други болести можат да се појават ако редовно спиеме помалку од 6-7 часа. На пример, проблеми со кожата, проблеми со дигестивниот тракт, поголема веројатност од повреди, намалена концентрација.
За да го подобриме сонот, се препорачува да спиеме во тотално затемнета соба и да не го изложуваме телото на светлина или звуци. Затоа, оставајте го телефонот во друга соба или ако немате аларм – оставете го до Вас, но не го проверувајте постојано. Дури и светлината од телевизор е штетна. Бидете активни во текот на денот и јадете храна богата со влакна, пример – авокадо, грав, чиа семе, сладок компир, морков, киноа.
И за крај: спиење во текот на денот. Не треба да се претера – но пола час ќе му помогне на телото подобро да функционира. Но, ако спиеме подолго од 45 минути има шанса да влеземе во РЕМ фазата и кога ќе се разбудиме ќе се чувствуваме тешко и дезориентирано. Не сакаме да се чувствуваме така ако се уште треба да работиме, нели? Но, зошто е потребно спиењето во текот на денот? Така сме програмирани.