Во време кога нападите на македонштината е тешко да се предвидат од каде доаѓаат, ретки се примерите кои суштински, со дело наместо на збор го бранат она што е суштествено за чувањето на македонскиот идентитет.
Ако во чувањето на „Словото“ е суштината на чувањето на кирилометодиевото и климентонаумовото наследство, тогаш нашиот соговорник во ова предновогодишно издание на рубриката Анфас на Кепенци е соодветниот пример за афирмација и промоција на македонштината во светот. Тивко, незабележително, но суштински…. така денес делува и Звонко Танески во срцето на Европа, во Словачка.
Сте поминале низ различни периоди во животот. И секој дел од животот си има своја убавина. Но, какво дете бил Звонко?
– Токму така, секој период од животот благовремено ја пополнува и своевремено ја дополнува нашата лична карта. Според кажувањата на најблиските, сум бил прилично немирно и љубопитно дете, со изразен темперамент, кое сакало да победува во игрите, но не по секоја цена. Наедно, сум бил скромно и благодарно дете, поборник за правдина. Не сум бил многу пребирлив во јадењето, ама затоа, пак, сум бил попребирлив во избирањето на друштвото. Редовно сум сакал да ми читаат приказни пред спиење, можеби и затоа ми е останата уште оттогаш љубовта кон книгите.
Наградата ,,Ацо Караманов “ ја освоивте како матурант, време кое е доста бурно за една млада индивидуа. Како таа влијаеше врз Вашата личност?
– Многу ме израдува таа награда, тогаш уште се доделуваше за цисклус песни, а не за цела книга. Комисијата беше составена од мошне познати универзитетски професори по книжевност, па затоа вреднувањето од фелата го примив небаре како драгоцено ковчеже. Тогаш веќе знаев дека ќе студирам компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, па настапот во Радовиш на Карамановите средби ми дојде и како извесен влез во академскиот книжевен свет. Инаку, пишував поезија уште во основно училиште, првата стихозбирка „Отворени врати“ ја објавив на петнаесетгодишна возраст, претходно имав освоено уште неколку републички и една меѓународна награда (во Реџо Калабрија, Италија), ама токму таа награда ми беше потвда за тоа дека не сум згрешил што сум ги избрал токму таквите студии како своја животна професија.
Професоре, роден сте во Македонија. Вашите родители се Македонци. Но, колку често Вие ја посетувате Македонија?
– Ја посетувам секогаш кога можам. Додека бев помлад и немав премногу обврски, доаѓав и почесто, а сега претежно за празниците и во летниот период или, пак, службено во различни месеци од годината (на некоја конференција, симпозиум, фестивал и сл.). Сепак, секојдневно ги следам сите вести од Македонија, контактирам со роднините и пријателите исто така секој ден, редовно сум во тек со сите случувања таму, а тоа ќе продолжам да го правам сигурно и понатаму, бидејќи никогаш не заборавам од каде потекнувам, ја сакам земјата и луѓето со сите нивни доблести и мани, работам несебично и посветено на афирмацијата на македонската култура во странство, па затоа сметам дека понекогаш и духовното присуство ете знае да биде и поважно од она физичкото.
Бевте дел од настанот кој се одржа во Битола оваа година односно ,,Битолски книжевни паметења“. Каков впечаток Ви остави настанот и градот воопшто?
– Во Битола немав дојдено повеќе од дваесет години. Иако престојот сега ми беше краток, „Битолските книжевни паметења“ ми оставија прекрасен впечаток. Настанот беше добро организиран, сретнав пријатни луѓе од кои некои се мои и стари познајници, бев почестен и со тоа што организаторот ми ја додели наградата Мозаик за странски автор. Во годинава наназад испраќав свои текстови и преводи и за битолските книжевни списанија „Раст“ и „Современи дијалози“, а ќе бидам среќен ако професионалната соработка продолжи во нагорна линија и во иднина. Цврсто сум уверен дека ќе има уште поводи и проекти за соработка, а таа и ќе се случи на обострано задоволство.
Професоре, имате постигнато успех во многу области. Добитник сте на престижни награди. Која награда Ви е особено драга?
– Наградите би требало да претставуваат некој вид валоризација за вложениот труд кој некој го препознал и соодветно го оценил. Се разбира, тие умеат да нè израдуваат, ама писателот и научникот не пишува првенствено за да биде награден, туку за да го совлада својот творечки порив кој напати рие како крт во нас и притиска да биде задолжително запишан. Дотолку повеќе, за волја на вистината, некои награди во денешно време се и делумно деградирани и обезвреднети, ама тоа не е причина за обесхрабрување. Квалитетот, порано или подоцна, ќе излезе на виделина. Ако морам специјално да издвојам една од наградите, еве нека биде тоа наградата „Ѕвездослав“ од Асоцијацијата на писателски организации на Словачка, доделена во 2017 година, за најдобри преводи од словачката книжевност во светот, во мојов случај, за преводите на делата од словачките автори на македонски јазик.
Пишувате и поезија на македонски јазик. Имате голем број објавени книги. Има книга која Ви е омилена, што Ве мотивира да творите на македонски јазик?
– Немам веќе омилени книги, читам многу, а и консултурам литература од различни области и меридијани, а притоа се трудам од секоја добра книга што ми паѓа в рака да го извлечам она што може да ме обогати и да ми ги рашири хоризонтите. Секако, македонскиот јазик ми е мајчин и никогаш нема да престанам да пишувам на него. Ја прифаќам така тезата на Блаже Конески дека јазикот е наш голем влог и наша единствена татковина и затоа не смееме да престанеме да го негуваме и да го промовираме непрекинато и низ своите дела.
Дали Вашите синови зборуваат македонски?
– Уште се мали, засега се трудат да го совладаат во целост словачкиот јазик (бидејќи се родени и живеат во Словачка), иако помладиот син кажува повеќе зборови и на македонски и на англиски, а разбира и цели фрази од тие јазици. Кога ќе станат малку повозрасни, сакам да верувам дека околностите тогаш ќе бидат и понаклонети и дека и тие самите ќе љубат да патуваат и во Македонија и повеќе така ќе почнат да се усовршуваат и во комплетните придобивки од македонската култура.
Професор сте на Универзитет во Братислава, Словачка. Сте имале прилика да држите предавања и на Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Дали постои разлика помеѓу студентите во Словачка и Македонија, се спуштаат ли кепенците за македонските студенти, или сепак постои надеж?
– Не сум љубител на генерализации, иако е, се чини, општоприфатен фактот дека во споредба со мојата генерација, образованието во европски рамки е во криза. За таквата состојба се виновни повеќе фактори. Веќе и не е престиж да се биде професор бидејќи таквата професија денес не носи профит, а тоа е она што
младите луѓе и најчесто ги интересира. Сум бил визитинг професор на повеќе европски универзитети, скалилото на вреднување е прилично спуштено речиси насекаде, иако исклучоците го потврдуваат правилото.
Впрочем, секогаш искрено се радувам кога во некоја година на студии ќе се појават во групата барем двајца или тројца талентирани студенти кои вложуваат во себе и важно им е да стекнат ерудиција и да напредуваат во интелектуална смисла, да размислуваат аналитички и здраво да расудуваат со своја глава. Таквите со голем елан ги поддржувам и им помагам во рамките на своите можности, зашто животот бездруго носи и бројни борби и разочарувања, ама мудроста, истрајноста и знаењето ќе нè крепат и кога ни е најтешко.